Еразмус

Европската Комисија ја лансираше програмата Еразмус во 1987 година, и одтогаш повеќе од 1,5 милиони студенти и професори учествувале во Еразмус размени. Името Еразмус е акроним од “European Community Action Scheme for the Mobility of University Students”, а програмата се дефинира како програма која ја поттикнува мобилноста на студентите и на наставните кадри и Европската соработка вклучувајки високообразовни институции и други клучни актери во економијата базирана на знаење.

Од 2007 година програмата Еразмус е вклучена во програмата Доживотно Учење на Европската Комисија. Учеството во програмата Еразмус подразбира исполнување на низа критериуми. Најважните критериуми се отворање на Национална Агенција која ќе биде одговорна за децентрализирано управување со програмата на национално ниво, како и отворање на Еразмус канцеларии на универзитетско ниво. Понатаму, за да можат да користат средства од Еразмус, заинтересираните високообразовни институции од Р. Македонија треба да аплицираат и да станат носители на Еразмус Универзитетска Повелба.
 
Што нуди Еразмус?
Подпрограмата Еразмус нуди за учесниците различни можности за образование, обука, настава, меѓународна соработка и развој на меѓународни проекти и иницијативи. Целта на програмата е да промовира меѓународна соработка на лица и да ја зголеми соработката помеѓу различните организации вклучени во високото образование во Европа.

Децентрализирани акции на програмата Еразмус кои ги координираат Националните Агенции се:

  • Мобилност на студенти - Еразмус како европска програма за соработка во полето на високото образование нуди можност студентите да поминат дел од нивните студии или практична работа во некоја од земјите кои учествуваат во Програмата (мобилност од Р. Македонија може да се оствари исклучиво кон некоја од земјите членки на Европската Унија).
  • Интензивни програми (акцијата не е отворена за академска 2012/13) - Еразмус интензивните програми представуваат кратки наставни модули/програми кои вклучуваат професори и студенти од минимум 3 различни Високообразовни институции носители на Еразмус Универзитетска Повелба.
  • Интензивни јазични курсеви (акцијата не е отворена за академска 2012/13) - Еразмус интензивните јазични курсеви се специјализирани курсеви за помалку користени јазици и јазици кои поретко се изучуваат. Овие курсеви се со времетраење од 2 до 6 недели (најмалку 60 часа вкупно или минимум 15 часа неделно).
  • Подготвителни посети - Цел на акцијата е да овозможи средба на потенцијални партнери кои би подготвиле предлог апликации. Подготвителните посети се реализираат во две форми, со времетраење не подолго од 5 дена.
 
Централизираните Ерасмус Акции се во надлежност на Извршната Агенција за образование, култура и аудиовизуелна политика во Брисел и тие се:
  • Мултилатерални проекти;
  • Мрежи;
  • Придружни мерки.
По одделните профили, можностите за учество се следниве:
  • За студенти:
    • Учење во други земји;
    • Пракса во други земји;
    • Лингвистична подготовка.
  • За универзитети (наставен и ненаставен кадар):
    • Настава во други земји;
    • Наставни ангажмани;
    • Обуки во други земји.
  • За Високообразовни институции:
    • Интензивни програми;
    • Академски и структурни мрежи;
    • Мултилатерални проекти.
  • За претпријатија:
    • Примање практиканти (студентска мобилност за стажирање);
    • Обуки во други земји;
    • Соработка со Високообразовни институции.